Thursday, April 13, 2017

Кои се инвеститорите на фабриката за производи од канабис во Македонија?

Пред два дена на 11 април во Скопје се одржа свеченото отворање на првата фабрика за производи од канабис во Македонија, во кругот на поранешен ОХИС. Станува збор за компанија отворена како странска инвестиција на компанија со седиште во САД, која претставува една од најискусните и водечки компании по капацитет во светот од областа на производство на медицински канабис. Станува збор за американската компанија „NYSK holdings“ ДОЕЛ Скопје и времето ќе ни покаже колку истата е реномирана? По тој повод во ТВ Нова гостуваа двајца од инвеститорите – Мајкл Сатон и Џон Монтгомери. Со гордост го поздравуваме овој голем потег на нашите Власти и дај Боже да започнеме побрзо со отварање на уште повеќе фабрики без да ни се мешаат странци! Но, кои се овие мистериозни ликови? Зошто ниту еден активист во Македонија, ниту еднаш до сега не слушнал за нивните имиња...? Мало објаснување за инвеститорите ќе ви даде Филип од ЗА:

Го поздравуваме отворањето на нова компанија за одгледување и производство на производи од канабис и сметаме дека може да придонесе за подобра конкурентност и намалување на цените на пазарот и наш став е дека треба да има што повеќе производители како би имало поголема конкурентност и различни производи. Сепак, сметаме дека Македонија како земја може ова да го направи и сама и без помош на странски инвестиции кои според изјавите ќе придонесат за вработувања, но сепак се работи за странски фирми. Сметаме дека во Македонија има луѓе со знаење и капацитет за одгледување и производство на канабис и производи од канабис со висок квалитет кои ги задоволуваат сите стандарди. Па, би ги замолиле законодавците во Р.М. да размислат за помагање на домашни производители, домашни фирми кои исто така би имале производство од семе до готов производ и освен вработувања ќе придонесат и со внесување и обрт на финансиски капитал кој ќе ОСТАНЕ во ДРЖАВАВА“ - истакна Филип Достовски на ФБ групата од здружението Зелена Алтернатива.

„Мораме да истакнеме дека како здружение, не сме запознаени со оваа компанија и не сме ја сретнале на ниту еден познат светски саем за одгледувачи низ светот, ниту пак сме сретнале производи произведени од истата што за нас е зачудувачки со оглед на тоа дека сопствениците истакнуваат дека се меѓу најдобрите производители на медицински канабис во светот. Би сакале да ги потсетиме и инвеститорите дека граѓаните во огромен број веќе користат канабис и тие, како и македонските институции и доктори, се веќе добро запознаени со придобивките од користењето на истиот, нешто на што работиме веќе 5-та година и со нашите три семинари на кои предаваа врвни светски експерти од полето на канабисот, со обуката на нашите лекари во организација на нашето здружение, МАЛМЕД и Министерство за здравство, како и граѓанскиот активизам на терен, придонесовме да се смени јавното мислење за употребата на канабис и да добиеме закон за легализација на канабисот во медицински цели“ - додава Филип.


Кои се овие инвеститори и зошто ја одбраа токму Македонија? „Еден од пропаднатите погони на ОХИС ќе прерасне во фабрика за производство на канабис за медицински цели. Компанијата NYSK холдинг веќе вработила 15 луѓе, а конечниот број треба да достигне 200. Плановите вклучуваат отворање на висококвалификувани и високоплатени технички работни позиции. Вкупната инвестиција во наредните 5 години ќе изнесува од 3 до 5 милиони долари. Фирмата ќе произведува 20 различни производи од канабис, а првиот финален производ се очекува во август годинава. Компанијата веќе вложи половина милион долари за реновирање на постоечкиот објект.

Основачот на компанијата е македонски иселеник од охридскиот крај, кој долги години живеел во САД. Првичниот контакт со македонската владина делегација на роуд шоу во Бостон резултирала со конечна одлука за производство на медицински канабис во кој многу луѓе гледаат спас за лекување на рак, ХИВ, мултиплекс склероза, детска епилепсија и други. Министерот за здравство Никола Тодоров потенцира  дека денешната инвестиција е резултат на одлуката за легална употреба на канабисот во медицински цели во земјава. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, новата инвестиција е резултат на владините роуд шоуа за привлекување странски инвестиции. Во Република Македонија има одобрени производи на база на канабис кои секој може да ги купи во аптеките без лекарски рецепт. Досега граѓаните купиле околу 10 илјади пакувања“ - вели Тања Попова од Алфа ТВ.

Низ нашите медиуми оваа инвестиција е доста фалена. Еве што пишува МИА: Вкупната инвестиција во период од пет години ќе биде меѓу три до пет милиони долари. NYSK холдинг веќе инвестирала половина милион евра во реновирање на овој браунфилд објект од 2.000 метри квадратни. Компанијата веќе вработила 15 лица со полно работно време и со натпросечни примања, со план да вработи 50 до крајот на годината и 200 лица во наредните пет години. Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф во обраќањето по повод отворањето на објектот, рече дека гордост му претставува да објави дека зградата во комплексот на ОХИС е целосно реновирана со цел да стане првиот модерен објект со лиценца за медицински канабис во Македонија за одгледување и извоз на масло од медицински канабис во земјите од Европа. „Само неколку нации во светот имаат законско право да одгледуваат и да извезуваат медицински канабис, а сега Македонија е една од нив и тоа не` прави нова дестинација за оваа брзорастечка индустрија“ - посочи Наумоф.

Основачот на NYSK холдинг, инвестициска групација и извршен партнер Толоманоси за време на отварањето рече дека канабисот ќе биде медицински спасител за многумина кои се борат со болести како рак или детска епилепсија и се очекува да достигне преку 20 милијарди бруто продажба во ЕУ до 2021 година. Џон Монтгомери, инвеститор за медицински канабис и експерт во областа истакна дека ќе го испорачаат најквалитетниот медицински канабис на пазарот. „Ние ќе го зголемиме бројот на работни места и ќе вработуваме македонски работници. Нашите одгледувачи експерти ќе ги обучат нашите вработени тука. По речиси една деценија во оваа индустрија, ние сме многу сигурни во нашата способност да го донесеме најквалитетниот лек во оваа убава земја“ - рече Монтгомери.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров рече дека настанот е резултат на заложбите на Владата и министерството за овозможување употреба на канабисот во медицински цели во Република Македонија. Со оваа инвестиција, посочи, ги поставуваме темелите на одгледувањето канабис за медицински цели во РМ. „Покрај оваа компанија уште неколку други имаат поднесено барања за добивање дозвола за одгледување коноп за медицински цели, а за една од нив постапката е веќе во финална фаза“ - додаде Тодоров. На означувањето на почетокот со работа на оваа инвестиција присуствуваше лидерот на ВМРО­-ДПМНЕ Никола Груевски, кој претходно на својот Фејсбук профил напиша дека и во вакви исклучителни услови во кои се наоѓа државата се трудат да обезбедат стимулирање на економијата и отворање нови работни места. „Борбата да се привлечат инвестиции понекогаш е долгорочна работа. Денеска присуствував на почеток со работа на компанија од Америка со која што првиот контакт го имавме пред 4 години во Бостон на тогашното роуд шоу... Ефектите доаѓаат подоцна ако промоцијата добро се изработи. Сега одлучиле да инвестираат токму тука во Македонија, да вработат 200 лица, да инвестираат неколку милиони евра и да извезуваат годишно по 10 милиони долари. Тоа е сериозна инвестиција со која 200 семејства ќе најдат егзистенција, а ќе се рестартира и еден од погоните на ОХИС“ - рече Груевски.

Политичката криза во која опозицијата ја втурна државата нема да не' поколеба да се откажеме од борбата за подобар живот на граѓаните. И во вакви исклучителни околности кои се важни за опстојувањето и иднината на државата, ние држиме до зборот и се трудиме да обезбедиме стимулирање на економијата и отворање на нови работни места. Откако минатата недела се промовираше новата германска инвестиција во Желино, тетовско, денеска официјално почнува со работа и уште една компанија, овој пат од медицинската индустрија, која доаѓа од САД, а инвестира во Скопје. Компанијата од САД која во Македонија ќе дејствува како „NYSK Holding“, ќе се занимава со одгледување и производство на канабис за медицински цели, а планот е да вработат 200 вработени што значи сигурна егзистенција на 200 семејства. Инвестицијата ќе се развива во наредните 5 години. Тие веќе земаа браунфилд објект во фабриката ОХИС некаде околу 2000 м2 кој го адаптираа за своите бизнис цели. 

Главни пазари на кои ќе се извезуваат продуктите од оваа компанија се ЕУ, пред се Германија и Италија, како и Југоисточна Европа. Значи ќе имаме една успешна приказна каде една фабрика во минатото беше затворена, а сега имаме рестартирање и употреба на дел од нејзините капацитети. Првичните контакти со сопствениците на NYSK Holding се направени пред 4 години, за време на една бизнис промоција на можностите за инвестирање во Бостон, САД. Комуникацијата продолжи и еве сега следува реализација на оваа инвестиција. Нема да се откажеме од нашата борба за секое отворено работно место. Продолжуваме со ветеното и покрај сите опструкции, напади и наметнати кризи со кои се сака да се закочи државата и да се втурне во уште поголема криза. Македонија мора да се врати на патеките на прогресот, мудро и одлучно да продолжи напред. Тоа го сакаат граѓаните и ние за тоа се бориме“ - додава Груевски на Фејсбук.

No comments:

Post a Comment